Случај “Триста”

300 ЕВРА КАЗНА ЗА ДВАЈЦА СВЕДОЦИ КОИ НЕ СЕ ПОЈАВИЈА НА ДЕНЕШНОТО РОЧИШТЕ

Денешното рочиште за случајот “Триста” кој го води Судијката Добрила Кацарска, започна на време.

Пред судот пристапи сведокот Слободанчо Станков, вработен во МВР.

Јавниот обвинител Стефчо Донев пристапи кон директно испрашување на овој сведок.

Сведокот даваше изјава за тендерската документација за јавната набавка на 300 возила за потребите на МВР.

Комисијата за јавна набавка била составена од повеќе членови.
Претседател бил Тони Георгиев, а негов заменик бил токму сведокот Станков.

Сведокот ја појаснуваше постапката при оваа јавна набавка, од одлуката во која биле наведени условите, финансиите, членовите на Комисијата и самиот вид на постапката.

Сведокот потврди дека имало жалби од двајца понудувачи во тендерската постапка, но не можеше да се сети за кои понудувачи се работело, единствено што се сеќава било дека
жалбите на двајцата понудувачи биле одбиени како НЕПРИФАТЛИВИ.

Одбраната побара од Судечкиот Совет директно да го испрашува овој сведок.
Советот го одобри нивното барање иако посочи дека е во штета на обвинителството поради нееднаквост на оружјата, бидејќи одбраната не посочила претходно на кои околности ќе го испрашува овој сведок.

Прашањата беа поставувани на околностите од досегашното искуство на сведокот за јавни набавки и за неговото звање.

Тој изјави дека од 1996 година па се до сега бил на оваа работна позиција, со звање “Експерт за јавни набавки”.

На самиот крај Судот пристапи кон испитување на овој сведок.
Судијката Кацарска на неколку поставени прашања кон сведокот, кои беа во врска со тендерската документација, самата постапка и начинот на избирање на најповолен понудувач често пати добиваше НЕЦЕЛОСЕН И НЕЈАСЕН ОДГОВОР од сведокот.

Но затоа пак многу јасно неколку пати повторуваше дека целата постапка е законски извршена.

Судијката Кацарска потоа му постави повеќе прашања за неговата вклученост во целата постапка за конкретната јавна набавка на 300 возила за МВР.
На сите прашања одговорот беше дека, или не бил запознаен или не присуствувал во одредени одлуки за тендерската документација.

По сето ова негово НЕЦЕЛОСНО учество во јавната набавка и нејзината целосна постапка Судијката Кацарска му го постави прашањето:

– КАКО ТВРДИТЕ ДЕКА Е ЗАКОНСКИ СПРОВЕДЕНА ПОСТАПКАТА КОГА НЕ СТЕ БИЛЕ ЦЕЛОСНО ВКЛУЧЕНИ ВО НЕА?!

На вака поставеното прашање сведокот МОЛЧЕШЕ.

Јавниот обвинител Стефчо Донев во еден од неговите приговори за прашање на одбраната кон сведокот, му укажа на Советот дека прашањата кои му ги поставуваат на овој сведок не треба да бидат прифатени, бидејќи сведокот не може да памти такви детали како што и самиот искажа, поминати се повеќе од 10 години, но одбраната инсистира поради нивните контакти со сведокот, меѓусебниот разговор пред самиот почеток на рочиштето во холот пред судницата, кој лесно може да се провери на видеоснимките.

Од мониторингот кој го вршиме секојдневно, многу често алармиравме токму за ваквите појави, каде се врши ВЛИЈАНИЕ на сведоците предложени од СЈО, во некои случаи кон сведоците приоѓаат адвокатите на одбраната а во некои случаи и самите обвинети имаат меѓусебна комуникација со сведоците.

Судијката Добрила Кацарска на крајот на рочиштето казни двајца сведоци во износ од 300 евра, бидејќи биле неколку пати уредно повикани но не се појавиле, ниту пак го оправдале нивното отсуство.

На следното рочиште кое е закажано за 12.04.2019 во 10 часот, по наредба на Судијката Добрила Кацарска овие сведоци треба да бидат спроведени со полициска придружба.