Случај “Триста

Од мониторингот на Зелена Лупа
Случај “Триста”
12.04.2019/10 часот

ВО СУДНИЦАТА СЕ ПОЈАВИЈА СВЕДОЦИТЕ НА КОИ МИНАТОТО РОЧИШТЕ ИМ БЕШЕ ИЗРЕЧЕНА ПАРИЧНА КАЗНА ОД 300 ЕВРА

Денешното рочиште за случајот “Триста” кое го води Судијката Добрила Кацарска, започна на време.

Обвинетиот Ѓоко Поповски беше на време спроведен од Затвор Идризово до Кривичниот суд Скопје.

На денешното рочиште се сослушаа двајца сведоци на кои Судијката Добрила Кацарска минатото рочиште им изрече парична казна од 300 евра за нивното отсуство кое истото не го оправдале.

Првиот сведок беше Илија Михајловски, вработен во МВР.

Јавниот обвинител Стефчо Донев директно го испитуваше сведокот.

Тој во 2008 бил вработен како Началник на одделението за возен парк.
Бил член на Комисијата за набавка како техничко лице и од него се барало Мислење за типот на возила кои требало да бидат набавени за потребите на службите во МВР.

Овој сведок беше директно испитуван и од одбраната.

Сведокот во неговата изјава нагласи дека секако имало потреба за набавка на нови возила во МВР бидејќи како вработен во министерството истиот потврди дека и денес се соочуваат со недостаток на возила за извршување на работните задачи.

Вториот сведок беше Зоран Трајановски, вработен во Државна комисија по жалби за јавни набавки.

Сведокот изјави дека во 2007 бил именуван како заменик член на Владината комисија за жалби на јавни набавки.

Во тој период имале голем број на заостанати предмети од 800 до 900 и конкретно за овој предмет точно не се сеќавал.

Сведокот ја објасни постапката од распределба на предметите на членовите и замениците, потоа се свикувале Седници на кои секој на кратко го реферирал својот предмет и пристапувале кон гласање.

На тие Седници се воделе и записници во кои се впишувале податоци за присутни, податоци за предметот, но укажа дека не се сеќава дали се вметнувале и донесени одлуки, поставени прашања или издвоени мислења.

Одлуките ги носела Стручната служба на Владата.
Решенијата по жалбените наводи најчесто гласеле:
– ЖАЛБАТА СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.
Одлуките биле кратко образложувани без детали врз кои била донесена таа одлука.

На прашање од судот – Дали треба да се уважи или отфрли жалба доколку понудувач со помали бодови испорачува повеќе возила, а понудувач со повеќе бодови испорачува помал број на возила, сведокот одговори дека таквата жалба треба ДА СЕ УВАЖИ.

На следно прашање од судот – Жалба која е поднесена во петок а по истата била донесена одлука во понеделник, дали Комисијата работела и за време на викенди, сведокот одговори дека само во еден случај работеле сабота и недела, но тоа не било конкретно за овој случај.

Јавниот обвинител Стефчо Донев пристапи кон изведување на доказ под реден број 30, аудиоснимка за која побара од судот да не ја исклучува јавноста бидејќи снимката не содржи деловна или државна тајна, а истата е во интерес на целата јавност да знае како некои функционери ги користеле парите од Буџетот.

Судот донесе решение со кое и беше дозволено на јавноста да присуствува на изведувањето на овој доказ од обвинителството.

Од нашиот мониторинг можеме да ве информираме дека се преслуша една аудиоснимка која беше телефонски разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Кирил Божиновски.

За содржината на разговорот не можеме да се произнесеме бидејќи во делот каде сме позиционирани а е одвоен со стакло ВООПШТО НЕ БЕШЕ РАЗБИРЛИВО за што станува збор, освен гласното смеење помеѓу соговорниците.

Од нашиот секојдневен мониторинг, може да укажеме дека многу често се соочуваме во повеќе предмети со вакви проблеми, некои Судии забораваат да ги вклучат микрофоните при нивното обраќање, во некои судници нема озвучување а дел од Судиите тивко зборуваат и едвај допира информацијата до медиумите, кога станува збор за аудиоматеријали истите треба да бидат емитувани со добро озвучување се со цел да се пренесе точната информација до јавноста.

Следното рочиште е закажано за 17.04.2019 во 10 часот на кое ќе се изведуваат писмените докази на обвинителството.